Шарената револуција одбројува, Уставниот суд калкулира

by fokus

Шарената револуција и денеска го потсети Уставниот суд дека рокот за нивниот ултиматум истекува. Со „четворка” испишана на платно поставено на зградата кај Триумфална капија, „шарените” порачаа дека судот има уште четири дена да се произнесе за уставноста на СЈО.

-Насетуваме дека немате намера да се произнесете и дека со тоа можеби најавувате идно укинување на Специјалното јавно обвинителство. Мисли Уставен суд, размисли и присети се колку гнев има меѓу граѓаните и на што се спремни за да ја одбранат правдата. – порача Шарената револуција.

Уставниот суд пак продолжува да ескивира да се произнесе за иницијативата за уставноста на СЈО, поднесена уште пред осум месеци. Таа ниту денеска не се најде на агендата на судот, а не е предвидена да се разгледува ниту на утрешната седница.

Евентуално, иницијативата би можела да се најде на дневен ред за во четврток, но тогаш Уставниот суд би расправал за неа дури идната среда.

Од судот велат дека во четврток ќе го знаат дневниот ред за седницата за идната среда, но не сакаат да откријат дали иницијативата за СЈО ќе се најде на маса.

Рокот од Шарената револуција истекува во сабота, а доколку до тогаш Уставниот суд не се изјасни за уставноста на СЈО, активистите рекоа дека ќе ја преземат правдата во свои раце, на свој начин.

Поврзани новости