Стопирањето на продажбата на Славија е признание за матниот бизнис, ВМРО-ДПМНЕ и јавноста го разоткрија овој криминал, за 200 илјади евра продаваа имот вреден 20 милиони. Власта сакаше за 200.000 евра да ја распродаде Славија која чини над 20 милиони евра, ВМРО-ДПМНЕ и јавноста ја спречијa, соопштија утрово од ВМРО-ДПМНЕ, откако „Фокус“ вчера објави дека пропадна обидот за продажба на Славија.
Како што истакна на денешната прс-конференција портпарлот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Асовски само управната зграда на Славија со земјиштето под и околу неа има вредност од над 9 милиони евра, магацините во Кисела Вода имаат вредност од над 4 милиони евра. Бројните деловни простори и магацини од околу 6 милиони евра.
-И сето ова некој близок до власта требаше да го земе за 200.000 евра. Брзата реакција на ВМРО-ДПМНЕ и гласот на народот го спречи овој грабеж. Власта уплашена дека е фатена во правење на матна бизнис зделка за која мора да има одговорност во паника запре. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи власта да распродава по багатела, а народот да страда, додаде тој.
Од Владата, пак, реагираа дека продажбата на Славија е привремено запрена поради барање за времена мерка доставено до Судот, кој по службена должност постапил по барањето од страна на Кирил Кочевски, поранешен сопственик на акциите на АД Славија.
„Законско право е на поранешниот сопственик да побара времена мерка од судот. Управниот одбор на Агенцијата врз основа на доставениот предлог за поведување на постапка за времена мерка добиен од Судот и согласно досегашната пракса одлучи времено да ја запре постапката за продажба“, велат од Владата.