ВМРО-ДПМНЕ со свои мерки за угостителите: Прифатете ги за да спасиме работни места

by Fokus

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција уште еднаш обвини дека владините мерки за справување со економските последици од коронавирусот нема да дадат ефект.

Велат дека бројот на отказни решенија расте и тврдат дека 160.000 граѓани се отпуштени од работа, како резултат на кризата со коронавирусот.

На прес-конференција ги повторија дел од мерките кои и претходно ги понудија како решенија, но овој пат велат дека фокусот е ставен и на угостителите.

„ ВМРО-ДПМНЕ денеска јавно презентира мерки за спас на угостителскиот сектор и вработените во него да не останат без своите работни места, а од Владата очекуваме да бидат прифатени. Овие мерки ќе бидат доставени и до Владата преку институционалните канали и очекуваме да бидат прифатени. Прифатете ги за да не останат 30 000 луѓе без работа“, – истакна Владимир Нелоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение, барањата на опозицијата:

  • Да им се помогне на компаниите од угостителскиот сектор со 50% од бруто-платата која ја исплаќаат за секој вработен за месеците март, април и мај.
  • Владата Веднаш да донесе законска одлука со која угостителите кои имаат објекти под закуп, а се под јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор или која било државна институција ќе бидат ослободени од плаќање кирија за месеците март, април и мај.
  • Да се најде институционален начин, угостителите кои имаат под закуп објекти кај приватни закуподавачи да плаќаат барем половина од месечната рата односно кирија, односно 50%, за месеците март, април и мај.
  • Сите угостителски објекти да бидат целосно ослободени од плаќањето на закупот за летни тераси за целата летна сезона 2020.
  • Јавните давачки кон државата, тука влегуваат ДДВ, аконтации за ДДВ, данок на добивка и други давачки, да бидат одложени до 10-ти месец 2020 година, односно до октомври месец и потоа да се наплаќаат на рати без затезни камати од страна на државата.
  • Режиските трошоци за угостителските објекти, трошоци за струја, вода и останатите, кои ќе доспеат за март, април и мај, да се одложат за плаќање од 10-ти месец 2020, односно да се плаќаат од месец октомври на рати.
  • Да се намалат критериумите за аплицирање на мерки за помош од државата за угостителите, бидејќи вака како што се условите само 10% од угостителските компании можат да ги искористат. Тука вклучително бараме мерките да може да ги користат и оние компании кои користат субвенции од АВРМ.
  • Веднаш треба да се интервенира со одлука за вадење на неопходните документи за аплицирање за мерките, да се вадат во најбрз можен рок електронски, без чекање по шалтери и сето тоа да биде на трошок на државата, односно бесплатно за компаниите од угостителскиот сектор.

Поврзани новости