Колегите на фризерот починат од вирусот реагираат: Борбата за егзистенција му беше посилна од стравот!

by Fokus

Фризери од земјава бараат мерки за спас на нивните бизниси од страна на Владата и на социјалните мрежи ги објавуваат своите барања, со цел да не им биде загрозена егизистенцијата.

Откако во понеделникот почина фризер од Кочани, позитивен на корона вирус, во јавноста се прошири информацијата дека и покрај затворањето на фризерницата, тој работел во домашни услови, а наводно вирусот го добил од жена која се вратила од Италија.

Ивајло Љубомиров Стојанов, колега на починатиот фризер, порача дека кочанчанецот и останатите фризери не треба да се осудуваат од страна на јавноста, бидејќи борбата за егзистенција му била посилна од стравот од вирусот.

-До почитуваната Влада, Ние фризерската фела апелиравме до вас да ги затворите со закон нашите салони. Немавте слух за нас. Апелиравме до вас за мерки за спасување на нашите бизниси и нашата егзистенција. Немавте слух за нас! Не не осудувајте, затоа што борбата за егзистенција е посилна од стравот. Сега, на ваша сметка запишете дека еден од нас, фризерите се предал во борбата – порача фризерот.

Тој исто така потсети и на барањата за занаетчиите во кризниот период.

-Субвенционирање на плата и придонеси за месеци март, април и мај. -Да бидат вклучени за безкаматен кредит со грејс период на 24 месеци преку Македонска банка за развој. -Одложување на кредити од 6 месеци без дополнителни трошоци и камати во тој период. Од сите овие мерки во ништо не е вклучен занаетчијата, освен наводно субвенционирање на плати за вработени само за април и мај од кој треба да се вратат назад на завршна сметка во 2021 година. Затоа протестираме на сите социјални мрежи и преку медиуми каде што ќе се слушне и види нашето незадоволство – порача Ивајло.

Во врска со починатиот фризер од Кочани, вчера градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево Горанчо Крстев, соопшти дека е позитивен на корона вирус, а се тестирал бидејќи кон крајот на месец март бил на потстрижување кај кочанскиот фризер, кој почина на Клиниката за инфективни болести.

Вики Клинчарова

Поврзани новости