ВМРО-ДПМНЕ со остри напади кон Сашо Орданоски

by Фокус

ВМРО-ДПМНЕ се јави со реакција по повод последниот месечен извештај на Транспарентност Македонија (ТМ). Во соопштението на владејачката партија има остри напади кон членот на ТМ, Сашо Орданоски.

Со оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ своите соопштенија и реакции не ги испраќа до редакцијата на Фокус, го пренесуваме соопштението објавено на ТВ Нова:

Сашо Ордановски, сега член на Транспарентност Македонија, го помина животот заработувајќи на плукање на секој чекор на ВМРО-ДПМНЕ. Некои луѓе заработуваат како лекари лечејќи болни луѓе, други како инжињери кои прават проекти за градби, трети се работници во фабрики, некои се земјоделци и така заработуваат и живеат, се вели во соопштението испратено од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, во врска со последниот месечен извештај на Транспарентност Македонија.

„Човекот има само еден занает и ете така преживува. Се додека е ВМРО-ДПМНЕ силен и на власт ќе има и за него пари, од оние кои се спремни да плаќаат за некој професионално да измислува лаги, манипулации, клевети и навреди за ВМРО-ДПМНЕ“, реагираат од партијата.

„Но, ВМРО-ДПМНЕ и народот одамна ги имаат препознаено ваквите влечуги и не ги перципираат нивните порции полни со ветер и магла. Во демократија, секој па и Ордановски може да проповеда што сака. Само треба да најде некој да го слуша и да му верува. Засега има најдено кој да го плаќа. За слушање и верување уште сонува, и тој, и донаторите. Човекот остаре, ама друго не научи да работи. Веќе стана и демоде. Излегоа нови и помлади кандидати кои сакаат на ист начин да заработуваат со посвежи идеи. Видоа дека Ордановски солидно живее од овој занает, ја гледаат неговата хациенда во населбата Бардовции и ете му на Ордановски конкуренција. Таков е животот“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ. 

 

Поврзани новости