ВМРО-ДПМНЕ се поправи по заканата со тужба од Сугарески, но не се извини

by fokus

Партијата ВМРО-ДПМНЕ се поправи во пласираните информации дека Министерството за транспорт и врски спроведува набавка на алкохолни и безалкохолни пијалоци во вкупна вредност од 24.000 евра. Не е Министерството, туку Македонски железници, изјавија од таму денеска.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат затоа што станува збор за инсолвентно претпријатие кое со години наназад има финансиски потешкотии.

„Додека Македонски железници немаат ниту за плата, оваа владина институција под надлежност на Министерството за транспорт на Сугарески врши набавка на алкохолни пијалоци над 24 илјади евра. Внимавајте, 24 илјади евра за алкохолни пијалоци платени со државни пари, во исто време кога на вработените мака мачат да добијат плата“, обвини денеска пратеникот, Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, вчера реагираше на обвинувањата на партијата и демантираше дека министерството спроведува таква набавка. Сугарески побара извинување од ВМРО-ДПМНЕ, или во спротивно се закани со тужба за клевета.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, само јавното претпријатие Македонски Железници – Транспорт минатата недела објавило оглас за слична набавка. Во огласот стои дека за потребите на претпријатието се набавуваат пијалоци, кондиторски производи, чај, кафе, апетисани и друго. Меѓу артиклите се и алкохолни пијалоци и чоколани бомбони.

Поврзани новости