Реформите во судството за кои што СДСМ се залагаше доживуваат фијаско и наспроти заложби за јакнење на независноста на судскиот систем, СДСМ врши брутални упади во судскиот систем, реагираше Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ на денешниот избор на нови судии и претседатели на основните и апелационите судови.
-Прекршен е законот за судови, во делот за избор на судии. Согласно член 46 став 1 алинеја 2 од законот за судови за судија за апелациониот суд може да биде избрано лице кое: е оценет со највисока позитивна оценка и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број на бодови. Последниот избор на судии во Апелациониот суд во Скопје покажува дека за судии се избрани лица кои имаат помалку бодови, и стаж од оние кои се повисоко рангирани. Зад плаштот на реформи се врши избор на судии по теркот на Заев и СДС. Дел од членовите на судски совет имаат должност да објаснат, согласно препораките на Прибе и Европската комисија, како е избрана Тања Милева за апелационен судија со само 7 години стаж, а не ги избира Лазар Нанев прворангиран со 261 бод и 15 години работен стаж или Габриела Најдова со 260 бодови и 9.5 години работен стаж, или пак Диана Груевска Илиевска со 260 бодови и 11 години стаж. Одговорот на оваа дилема го дава фактот што токму новоизбраната судијка Тања Милева, е и сопруга на Игор Милев кој е избран член на ДИК по предлог на СДС, рече Стаменковска.