Денешната седница на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања беше седница на партиска комисија на СДСМ, која не покажа достоинство да биде на нивото на обврската да го заштити Уставот и уставниот поредок на Република Македонија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Денешната одлука не е базирана на факти и аргументи, туку е базирана на голата желба за политички реваншизам на СДСМ и кон пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, но и кон многу граѓани кои покажале лична доблест и свест да проговорат јавно против политиките на СДСМ. Лишувањето од слобода на пратеници е врвен доказ за непостоење на правен систем и непочитување на Уставот на Република Македонија“, стои во соопштението од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Од пратеничката група на опозициската партија сметаат дека со денешната одлука СДСМ пратил порака дека не сака да постои опозиција на нивното владеење ниту во Собранието, ниту надвор од него, па затоа, нагласуваат од таму, нема да даваат легитимитет на овие противуставни одлуки.