ВМРО-ДПМНЕ излезе со реакција на обвинувањето од Зоран Заев дека зачестеното појавување на премиерот Груевски во јавноста е популизам и мачкање очи на јавноста. Од владејачката партија велат дека оваа теза на Заев е „максимално неодржлива и детски наивна“.
-Фрапантно е што опозицијата и соросовите експоненти не сакаат да се работи во интерес на народот. Потонати во жолчноста и омразата, тие сега негодуваат зошто владините претставници се меѓу народот. Нивната најнова критика е зошто Владата и Груевски постојано се на терен и реализираат проекти, што во суштина е максимално неодржлива и детски наивна теза, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во изминатиот период, премиерот Никола Груевски свечено пушти во употреба неколку објекти, како реконструирано училиште, водовод и постави камен-темелник на колекторски систем. Исто така, премиерот ја посети ТИРЗ Охрид – Струга каде наскоро најави дека ќе се отворат 2 фабрики кои ќе отворат 2.000 нови работни места. Груевски најави и изградба на пет регионални патишта во вредност од 22 милиони евра и ги посети настраданите во поплавите во тетовско првата вечер по невремето.