ВМРО – ДПМНЕ: Прво да спречиме изборна кражба, па ќе преговараме за влада

by fokus

ВМРО – ДПМНЕ во моментов не преговара со ниту една политичка партија, тврди за „Фокус“ партијата на Никола Груевски, по неофицијалните информации дека сепак, наместо во широка коалициска, местата во новата влада повторно ќе се договараат помеѓу долгогодишните коалициски партнери ВМРО – ДПМНЕ – ДУИ.

„Во моментов ВМРО – ДПМНЕ е фокусирано на заштита на јасно изразената волја на мнозинството граѓани во Република Македонија кои довербата и ја дадоа на програмата на владејачката партија и на претседателот Никола Груевски. Основен приоритет е да се спречи кражба и фалсификување на изборот кој го направија мнозинството граѓани. Откако, ВМРО ДПМНЕ ќе успее во остварувањето на оваа главна демократска цел и ќе го добие мандатот за составување на Влада, ќе преземе соодветни чекори во насока на реализација на програмата и проектите кои им беа ветени и добија поддршка од граѓаните“, вели Иво Котевски, портпарол на ВМРО – ДПМНЕ за „Фокус“

Во моментов нема преговори, ниту пак сме запознаени со позициите на останатите партии“, одговара Котевски на нашето прашање во врска со изјавата на Бујар Османи, портпарол на партијата на Али Ахмети дека ДУИ ќе коалицира само со онаа партија која ќе биде спремна да ги исполни петте ветувања, што му ги дале на албанското гласачко тело за време на изборната кампања.

ДУИ во предизборието вети официјализирање на албанскиот јазик, целосна економска еднаквост (пропорционална распределба на буџетот), целосно спроведување на препораките на Прибе, СЈО да има мандат до влезот на Република Македонија во НАТО, членство во НАТО, консензуално одлучување за сите битни политички прашања.

С.М.

Поврзани новости