Груби многу зборуваше, но ништо не кажа за скандалот со возилото кое беше запалено пред неговиот дом, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на гостувањето на вицепремиерот Артан Груби во вестите на телевизија Канал 5.
-Впрочем неговите најблиски соработници признаа дека се работи за негово возило, кое патем не му е пријавено во анкетен лист. Тоа е клучното во овој скандал. Приказните дека позајмувал, возел автомобили од пријатели, многу сакал возила од таа марка и слично нека ги чува за пред неговите поддржувачи. Неговото денешно излагање со ништо не ја убеди јавноста дека не се работи за скриен имот. Еден криминален чин, на виделина извади сомнеж за друг поголем криминален чин. Да имаше правна држава и слободни институции овие два криминални чина ќе беа расчистени со иста ревност, а посебно тој кој се однесува за евентуална злоупотреба од страна на владин функционер.
Клучното нешто кое што јавноста очекуваше да го чуе е како тоа Артан Груби го користел возилото на компанијата која купи хотел по цела од гарсониера, а во исто време градежната компанија која го продала хотелот доби тендер од владата на Груби? Колку други имоти има на име на пријателите на Груби, а кои тој ги користи или ги поседува?, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.