ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение обвинува дека правосудството оставено од претходната власт на СДСМ и ДУИ функционирало со, како што велат од партијата, двојни стандарди и дека граѓаните не ја чувствуваат еднаквоста пред законот.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат примери со судски постапки за помали дела, посочувајќи дека за „кубење коса“ се изрекувале затворски казни од четири години, а за кражба на 150 ќебапи три години.
Од партијата, истовремено, тврдат дека кај тешки случаи со смртни последици, во кои според нив постојат сомненија за поврзаност со лица од или блиски до СДСМ и ДУИ, одговорноста изостанува.
Како примери ги наведуваат случајот со автобуската несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, пожарот во модуларната болница во Тетово, каде што животот го загубија 14 лица, како и случајот „Мазут“, за кој ВМРО-ДПМНЕ наведува дека е тежок 167 милиони евра.
Според партијата, граѓаните со години чекаат разрешница за овие случаи и одговорност за инволвираните лица.
„Правдата не смее да има партиска книшка, правосудството не може да биде заштитник и партиски бастион и упориште на моќниците од СДС и ДУИ“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека кога се испитува одговорноста на моќни поединци и интереси поврзани со СДСМ и ДУИ, постапките, според нив, се одолговлекуваат, а одговорноста изостанува.
ВМРО-ДПМНЕ порача дека законот мора да важи еднакво за сите граѓани и дека правдата треба да биде еднаква и достапна за секого.