СДСМ: Реакцијата на Гаши е крајно несоодветна, пресудата на Хаг мора да се почитува

by valentina 10:09
10:09

Одлуките на меѓународните судови мора да се почитуваат. Специјализираните совети во Хаг донесоа првостепена пресуда. Хашим Тачи и уште тројца се прогласени за виновни за воени злосторства. Има жалба. Процесот не е готов. Принципот е тој. Повикуваме сите да ја почитуваат одлуката на судот и да избегнат поттикнување тензии или поделби, порачуваат СДСМ во денешното соопштение.

-СДСМ не се меша во работата на судот. Не кроиме пресуда според коалиција, нација или моментален интерес. Ако судот донел одлука за некого дека е виновен – тогаш тоа треба да се прифати, додека повисок суд не каже поинаку. Таму обвинителството не работи „на телефон“. Затоа се бориме за Европската Унија. 🇪🇺 Законот мора да важи за сите. Хаг судеше и кога на обвинителна клупа беше Ратко Младиќ. Тогаш рековме: пресудата мора да се почитува. И сега го велиме истото, велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека Законот не се избира според нацијата.

-Во оваа насока, реакциите на претседателот на Собранието, Африм Гаши, се крајно несоодветни. Тој извршува државна функција, претседател е на Собранието и е претставник на држава што сака да биде дел од ЕУ. Не може да има двојни аршини. Ова не е пресуда против албанскиот народ. Не е пресуда против правото на Косово на слобода. Судот им суди на поединци. Кој денеска ја претвора пресудата во етничка лекција, ја прави истата грешка како оној што злосторството го крие зад некое знаме.
Кај нас е обратно. Кај нас премиерот се меша во судот и во обвинителството. Кај нас предметите се тргаат, толкувањата се измислуваат, а Европската комисија во извештаите укажува на притисок врз правосудството. Тие сакаат партијата да биде суд. Ние одбиваме.
СДСМ ќе ја почитува одлуката на судот и ќе повторува едно: Никој не е над законот. Ни таму. Ни тука, велат од СДСМ.

Слични вести