ЈО ќе координира тим од полициски инспектори и социјални работници за случаите на семејно насилство

by vlatko 19:17
19:17

Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Министерството за социјална политика договорија конкретни мерки за побрзо и координирано постапување во случаите на семејно насилство, со цел навремена заштита на жртвите и поефикасно гонење на сторителите.

Мерките се утврдени на работен состанок на јавниот обвинител Ненад Савески со министрите за внатрешни работи и социјална политика, демографија и млади, Панче Тошковски и Ѓоко Велковски.

Според договорениот протокол, МВР веднаш по приемот на пријава за семејно насилство ќе го известува надлежното јавно обвинителство. Обвинителот ќе ја координира работата на тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа, кои ќе треба навремено и усогласено да постапуваат.

Предвидено е итно обезбедување вештачење за утврдување на евентуалните повреди, процена на ризикот и прибирање на потребните докази. Целта е да се овозможи побрзо донесување обвинителска одлука и преземање дејствија за кривично гонење.

Трите институции ќе определат и лица за контакт кои постојано ќе бидат достапни за меѓусебна комуникација, координација и давање итни насоки. Постапувањето ќе се одвива според стандардизирани процедури, со јасно утврдени надлежности и одговорности.

Од институциите велат дека мерките се договорени во услови на загрижувачки трендови кај кривичните дела поврзани со семејното насилство и дека со нив се очекува побрза реакција, навремена заштита и згрижување на жртвите, како и поефикасно процесирање на сторителите.

Слични вести