Од ВМРО-ДПМНЕ и се заблагодарија на Владата што потврдила дека договорот со „Бехтел и Енка“ ја обврзува државата да исплаќа милионски трошоци доколку не се изгласат законските измени кои, меѓу другото, предвидуваат зголемување на 60-часовна работна недела за работниците кои ќе работат на автопатите. Сепак од опозицијата, која вчера обвини дека државата ќе исплаќа пенали доколку не го испочитува овој дел од договорот, повеќе не го користат зборот „пенали“.
„Им благодариме од влада што ни го потврдија нашето укажување дека со договорот за коридорот 8 ќе се плаќаат трошоци од државниот буџет доколку не се исполнат условите кој тој ги содржи. Е сега две прашања: кога ќе си поднесе оставка Димитар Ковачевски и координаторот за криминал Артан Груби? Второ, кога ОЈО ќе поведе истрага за кривична одговорност? Затвор не ви бега!“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Соопштението следува откако Владата соопшти дека трошоците од 53 милиони евра, се поврзани со пробивање на рокот за изградба. Односно доколку законските измени не бидат донесени и биде пробиен рокот од 4 години и 7 месеци за изградба на автопатите, тогаш трошоците ќе легнат на сметка на државата.