Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието ќе поднесе пријава до Комисијата за деловнички и мандатно имунитетски прашања против претседателот на Собранието Талат Џафери за аудиосниомката на која се слуша како првиот парламентарец навредува собраниски службеници.
Пријавата е поради прекршување на етичкиот Кодекс на пратениците од страна на претседателот на Собранието. Како што веќе најави ВМРО-ДПМНЕ со пријавата ќе достават докази, но и сведоци за скандалот на Џафери.
Според информации од пратеничката група, освен аудиоснимката на која се слуша како Џафери вулгарно им се обраќа на собраниските службеници, на комисиската расправа ќе повикаат и тројца или четворица сведоци кои биле присутни во салата за време на инцидентот.
ВМРО-ДПМНЕ веќе го повика претседателот на Комисијата Панчо Минов да свика седница за инцидентот на Џафери, на што тој одговори дека Комисијата ќе расправа само доколку добие пријава од пратеник.