ВМРО-ДПМНЕ бара власта како што ја сруши дивоградбата пред трговскиот центар „Маврока“, да испрати багери за рушење и на Попова Шапка. Бараат, Заев и Ахмети да ги испратат багерите и таму.
-Ако навистина се за почитување на ред и закони, еве сега нека дојдат тука, на Попова Шапка! Зад мене порасна цело едно село, ама никој не смее да мрдне! Владее градежна анархија среде туристички зимски скијачки центар. Околу 80 објекти се градат на државно земјиште, среде она што треба да биде национален парк, а никој не ги руши, ниту пак одговара за тоа“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата што ја одржа на Попова Шапка.
Тој смета дека власта реагира селективно, а случајот од „Маврока“ го нарекува кримитеатар со цел да се спречи постапка во која треба да одговараат градоначалници и други вмешани во злоупотреба и туркање на бесправна легализација.
Од власта, пак, последен за случајот со дивоградбата пред трговскиот центар зборуваше првиот вицепремиер Артан Груби на ТВ Сител. Тој рече дека барањето да се сруши дивоградбата било предизборно барање на ДУИ и рече дека треба да се почитува законот, па така да бидат урнати и платформата на Матка и дивоградбите во Охрид.
Прашан дали по уривањето на објектот пред „Мавровка“ ќе има постапка и за платформите на Матка и во Охрид за дивоградбите на членот на ДУИ Нефи Усеини, тој вели дека според таквата една логика треба да започнат со уривање и на терасата од партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.