ВМРО-ДПМНЕ: По неуспешниот референдум, Заев побара помош од СЈО

by Фокус

По неуспешниот референдум, на кој народот покажа дека нема да поддржи антидржавни политики со кои се брише името Република Македонија, идентитетот, историјата, традицијата и културата, премиерот Зоран Заев тргна со реализација на планот Б за игнорирање и газење на волјата на сопствениот народ со помош на Специјалното јавно обвинителство, изјави Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.

-Заев е свесен дека ВМРО-ДПМНЕ било со народот и дека секогаш ќе стои на браникот на државните и национални интереси и затоа сега бара помош од неговите послушници во СЈО. Вчерашниот настап на СЈО е уште една потврда дека Македонија не е веќе правна држава. Не постојат ни закони, ни Устав. Катица Јанева си чита имиња и сама ги суди. Катица Јанева сама закажува рочишта, ги диктира процесите и ги прозива судиите што не и се по волја. Зоран Заев ги нарачува предметите и кажува која мерка и која пресуда е преостра или преблага – рече Стојановска.

Таа додаде дека додека Заев го гази правото и правдата и нарачува истраги и пресуди, трае општиот грабеж кој го реализираат неговите роднини и соработници.

-Додека Заев тргува со највисоките државни и национални интереси спротивно на волјата на народот, неговиот брат Вице си купува комбинати по цена на гарсониера, си добива лиценци за одгледување марихуана, гради и ископува каде сака, колку сака и како сака. Камиони на Заеви се ангажираат од државни компании, милиони евра се делат за криминални иновации – вели пратеничката на ДПМНЕ.

Поврзани новости