„Јавното обвинителство втор месец не презема никакви дејствија во истрагата што се води по политички монтираниот случај за тероризам. Ниту се повикуваат и сослушуваат сведоци, ниту се повикуваат и сослушуваат политички притворените патриоти, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа е најдобра потврда дека не станува збор за притвор изречен заради некои правно издржани причини, туку неоснована и политичка казна за изживување со луѓе кои мислат поинаку. Додека десетина патриоти се наоѓаат во притвор како резултат на монтиран прогон, власта од затвор ослободува осудени криминалци. Антидржавната Влада на СДСМ вчера во Собранието на Република Македонија го изгласа законот за амнестија кој е уште една од низата на катастрофални политики и потврдува дека за Заев е поважно да ги подмири долговите од предизборната коалиција со криминалот, отколку на граѓаните да им гарантира безбедност преку санкционирање на непочитувањето на законите – се наведува во партиското соопштение.
Според нив, Зоран Заев и СДСМ од затвор пуштаат докажани криминалци обвинети за дистрибуција и продажба на дрога, мачење, тешки кражби, луѓе кои се занимаваат со рекет, изнуда, проституција и други тешки кривични дела.