На вчерашната седница на ИК на ВМРО-ДПМНЕ се разгледа целата ситуација во која се наоѓа државата, оценето е дека СДСМ и ДУИ имаа доволно време да покажат што можат и умеат и да ја придвижат државата напред. Тоа не го направија, напротив, државата е уназадена, народот посиромашен, а криминалот е секојдневие. Од тие причини на 18 јуни, ВМРО-ДПМНЕ ќе организира голем протест пред владата за промени и пад на оваа власт, велат од опозициската партија.
„Констатирано е дека како држава заради неспособноста на оваа власт поминавме преку исклучително тешка здравствена криза, во која за жал одговорот на истата беше ненавремен, и неефикасен, со голем број на изгубени човечки животи на нашите граѓани.
Власта не понуди навремени и кредибилни активности и мерки за соочување со енергетската криза, а за која постоеше кредибилни информации дека ќе се случи.
СДСМ и ДУИ не покажа адекватна способност за соочување со економската и финансиската криза, придружена со постојан пораст на цените и висок процент на инфлација кои удрија со максимален интензитет и целосно го соборија стандардот на граѓаните и ги зголемија трошоците на работење на компаниите.
Откако се на власт јавниот долг на државата се зголеми енормно, и од 4.7 милијарди во 2017 година, сега истиот изнесува над 7.2 милијарди. Ништо не е изградено, а странските инвестиции се на исклучително ниско ниво.
Дебакл има и на меѓународно поле. Неефикасната и неодговорна дипломатија не ги исполни дадените ветувања за формален почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Најголем кратер има во правосудството, исто и понатаму е тема на загриженост од страна на меѓународните фактори од каде ни се упатуваат кредибилни забелешки.
Сето тоа е пропратено со високиот степен на корупција, која се уште претставуваат суштинска пречка за враќање на изгубената доверба на граѓаните во институциите на државата и политичарите.
За крај неспособноста на оваа влада однесе многу животи, и за тоа секогаш никој не е одговорен. Инцидентите со автобуската несреќа кај Ласкарци, изгорената монтажна болница во Тетово и автобуската несреќа во Бугарија.
Протестот е повеќе од неопходен. Затоа ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат и сите заедно да ги донесеме промените. Премногу е! Ова е протест за промени!“, додаваат од опозицијата.