Откако ВМРО-ДПМНЕ долго време ги „штедеше“ помалите партнери во власта, сметајќи на нив при евентуално рекомпонирање на силите на политичката сцена, опозициската партијата предводена од Христијан Мицкоски периодов влезе во сериозна пресметка со овие партии, обвинувајќи ги дека прифатиле полтронски однос кон СДСМ поради уцени или привлегии.
Наспроти тоа, тие реагираат дека најголемата опозициска партија води хајка против нив, со цел тие да ја сменат нивната политичка траекторија, односно да ја напуштат коалицијата со СДСМ и да преминат во спротивниот табор на ВМРО-ДПМНЕ.
Во периодот кога се правеше обид за формирање на ново парламентарно мнозинство, од разни извори се лиферуваа информации дека во новата влада што потоа би се формирала биле заинтересирани да учествуваат и дел од „помалите“ партнери во власта.
Меѓутоа, до таков развој на настаните не дојде, бидејќи Кастриот Реџепи ја урна иницијативата за изгласување на недоверба на владата, а наскоро потоа се формираше нова влада, ама не од ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција, туку од страна на СДСМ, ДУИ и Алтернатива, со поддршка на предизборните сојузници на социјалдемократите.
„БЕВ ПРЕЛАЖАН“
По победата на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Левица, БЕСА, Алијанса за Албанците и Алтернатива влезе во операција за уривање на владата на Зоран Заев. Иако го имаа потребното мнозинство од 61 пратеник, сепак, пратениците од овие партии постојано најавуваа дека новото парламентарно мнозинство реално брои повеќе пратеници.
Всушност, тоа алудираше дека тие имаат поддршка од одредени пратеници на СДСМ, но пред се алудираше дека имаат договор со некои „помали“ владејачки партии. Тогаш, се појавија информации дека една од партиите која размислувала и разговарала да влезе во новото парламентарно мнозинство, а потоа и во новата влада, е ЛДП на Горан Милевски.
Во таа насока, пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи јавно изјави дека се потпишал на списокот за недоверба на владата, бидејќи му било кажано дека таму ќе бидат пратениците на ЛДП, а не на Левица. „Јас мислев дека во тоа мнозинство ќе бидат БЕСА и ЛДП, но бев прелажан“, истакна Реџепи.
Според неофицијални информации, Милевски имал средба со преставници на опозицијата во Собранието. Но сепак, од различни причини не бил постигнат договор за приклучување на либералдемократите кон новото мнозинство, и покрај очигледните разлики внатре во рамки на владејачката коалиција.
ОБВИНУВАЊА ЗА НЕПОТИЗАМ
Инаку, ЛДП и други „помали“ коалициски партнери во власта застапени во парламентот одлучија да не го напуштат мнозинството после локалните избори, истакнувајќи дека изборите за градоначалници и советници немаат врска со централната власт. Но, тие почнаа да упатуваат се поотворени критики кон водечките партнери во коалицијата, па дури и најавуваа дека ќе се залагаат за промени.
–Може ние како ЛДП не сме виновни за многу работи, но кога сте заедно ја сносите одговорноста поеднакво. Едноставно, граѓаните не се задоволни од начинот на кој се практикува власта, очекувале нешто поинакво, поразлично, посмели реформи во многу областа. На пример, ветивме реформи во јавната администрација и судството, но не се реализираа – изјави Милевски во еден телевизиски настап.
Откако стана дефинитивно јасно дека ЛДП останува во влада со СДСМ, во која Милевски повторно е избран за министер за локална самоуправа, ВМРО-ДПМНЕ го нападна лидерот на либералдемократите. Впрочем, од опозициската партијата ги прашаа двајцата пратеници на ЛДП, Моника Зајкова и Боби Мојсоски, дали и понатаму ќе го поддржуваат непотизмот на Милевски?
„Дури, и членови на ЛДП преку медиумите обвинуваат дека Милевски откако е министер си ја вработил сопругата на Клиника, додека баџанакот го поставил за директор во Државна Лотарија. Милевски има вработено свој братучед во Државната видео лотарија, а кумашинот во Идризово, додека кумашинката си ја вработил во министерството за локална самоуправа. Дали Милевски преку ЛДП ја поддржува мафијашката влада на СДСМ – ДУИ, за да си ги вработува роднините во администрација?“, прашаа од партијата на Мицкоски.
ОБИД ЗА ПУЧ
Освен за вработување на роднини, сопартијци го обвинуваат Милевски дека нестатутарно се номинирал за уште еден министерски мандат, без притоа да се донесе одлука на Централниот одбор. Како што пишувавме, ова го тврди директорот на Универзална сала и член на ЦО на ЛДП Филип Амрамчев, кој писмено побарал партискиот Надзорен одбор да поведе постапка против лидерот Милевски за прекршување на партискиот Статут.
После тоа, од ЛДП го обвинија Мицкоски дека прави обид за пуч во партијата преку Аврамчев, кој, според ЛДП, е во тесна спрега со опозицијата. Воедно, од таму истакнааа дека ДПМНЕ преку методи за уцена на поединци сака да инсталира за нив „подобен“ претседател кој, како што велат, ќе ја реализира агендата за враќање на власт „на нереформираното ДПМНЕ“.
„Заслепени од желбата да делите нови концесии за хидроцентрали, градежни маркици и милионски тендери, како во златните времиња на вашиот ментор Никола Груевски, не ви овозможува да ја согледате реалноста во државата која незапирливо се реформира и нема да дозволи криминалците повторно да ја намирисаат власта. Времето на промени на системот е започнато и бидете убедени дека такви нереформирани само ќе сонувате за власт“, велат од ЛДП.
Како што е познато, ЛДП на последните локални избори настапи во коалиција со ДОМ, чија претседателка Маја Морачанин, по говорот на собраниската седница за избор на новатата влада, во кој главно се осврна на темата за енергетска транзиција и за зелена енергија, доби прашање од пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски – дали таа и Милевски се уценети или, како што рече – криминализирани?
КРИВИЧНА ТУЖБА
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ влезе во жестока пресметка и со уште еден владин партнер на СДСМ – Демократски сојуз на Павле Трајанов. Имено, партискиот портпарол Наум Стоилковски одржа неколку-пресконференции во кои обвини дека директори, министри, функционери и разни раководни кадри со години паркирале бесплатно на паркинзите под капа на скопското Јавно претпријатие „Градски Паркинг“.
–Обезбедувале повластувања за функционери на власта, бесплатен паркинг за нив. Секој во Скопје мора да плати паркинг, освен функционери на СДСМ, на ДУИ, на Демократскиот Сојуз, на членови на власта, ставени на посебни списоци со потпис на директорите од Демократски Сојуз – рече Стоилковски.
Во последните 12 години, со ова јавно претпријатие директорува кадар на ДС, но тоа се смени после локалните избори, кога новата скопска градоначалничка Данела Арсовска за нов директор го назначи поранешниот контраразузнавач Бојан Христовски. Веднаш потоа, Стоилковски излезе во јавноста за обвинувања дека над 400 функционери имале повластено паркирање. Но, од партијата на Трајанов реагираа дека станува за неосновани напади.
„Овие напади од ВМРО-ДПМНЕ ги сметаме како обид за уцена да не бидеме и натаму дел од парламентарното мнозинство. Досега никој не добил гратис карта за паркирање, ниту пак за бесплатно паркирање. Списоци нема, тие се конструкции и фалсификати на актуелниот директор, за што ќе следи кривична тужба. Претпријатието работи согласно законите и одлуките на градоначалникот и Советот на Град Скопје“, велат од ДС.
Влатко Стојановски