ВМРО-ДПМНЕ смета дека не е точно дека не постојат услови за фер и демократски избори, реагираат денеска од владејачката партија на оценката на меѓународната заедница дека нема услови за одржување на кредибилни избори на 24 април.
-Претставниците на САД и ЕУ не презентираа ниту еден сериозен и кредибилен аргумент во прилог на тезата за неподготвеноста на Република Македонија за избори со што е јасно дека станува збор за проценка базирана на политичка одлука, а не факти. Во претходните денови, во интензивната комуникација со нив, на сите нивоа, како политичко, така и техничко, се уверивме дека нема валидни аргументи за одложување на изборите, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека ваквите состојби можеле да ја воведат земјата во нови проблеми и наместо кон излез од кризата да ја однесат кон нејзино продлабочување, спротивно од тоа што го очекуваат граѓаните и од политичките чинители во земјава и од меѓународната заедница.