Со овој чекор се прави голема штета на Македонија и нејзините државни и национални интереси. Ваквата постапка на СДСМ е многу сериозен удар врз принципите кои треба да се промовираат од страна на демократските политички субјекти. Нивната одлука може да даде повод за повлекување на препораката со Европската унија.
Вака реагираше Илија Димовски во име на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, откако триесет и тројца пратеници од опозициската коалиција, предводена од СДСМ, денеска поднесоа оставки од функцијата. Единствено тоа не го стори Роза Топузовска – Каревска, што наиде на осуда од нејзината партија ЛДП.
– Лидерот на СДСМ Зоран Заев после изборите самиот потенцираше дека не ја ужива поддршката од мнозинството на граѓани, но во една ваква суицидна постапка не оди сам, туку со себе ја влече целата своја партија и сите пратеници на СДСМ. Во исто време тој и Андреј Жерновски кои се избрани за градоначалници на избори под исти услови, комотно си остануваат на своите позиции и не поднесуваат и не размислуваат да поднесат оставки – рече Димовски.