– Оваа Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ во вистинска смисла работи на стандардот на граѓаните и отварање нови работни места. Затоа со аргументација ќе ги потсетиме претставниците на опозицијата дека платата во јавен сектор од 2006 до 2014 е за 24 проценти зголемена, првпат во независна Македонија после 20 години на иницијатива на социјалните партнери, во почетокот на 2012 година се донесе Законот за минимална плата, успеавме да ја утврдиме минималната плата како законско решение, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на денешното соопшштение на ЛДП.
Од владејачката партија велат дека ЛДП денеска се обидела да ја изманипулира јавноста со неточни информации и покажале дека се крајно лицемерни кога говорат за стандардот на работниците со оглед на фактот што токму тие и СДСМ кога била на власт во 2005 година во Македонија невработеноста го достигнала рекордното ниво од речиси 39 проценти.
Денеска ЛДП на пресконференција кажа дека после 9 години владеење, Владата на ДПМНЕ изразувала неспособност за обезбедување пристојни месечни примања, како и за достоинствен живот на граѓаните на Р. Македонија. Посочија дека Македонија има минимална плата за само едно евро повиска од онаа на Косово и заедно со него сме на дното меѓу најмизерните држави на Балканот.