ВМРО-ДПМНЕ: Ние ја организиравме средбата во Турција, Николоски и Чавошоглу се долгогодишни пријатели

by Фокус

Посетата во Турција е во рамки на соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и АКМ како партии во двете земји со слична политичка ориентација, велат од опозициската партија на чело со Христијан Мицкоски.

Како што е познато, партиска делегација на ДПМНЕ пред неколку дена во Анкара се сретна со турскиот министер за надворешни Мевљут Чавошоглу, кој воедно е и висок функционер на турската владејачка Партија на правдата и развојот на Реџеп Таип Ердоган.

„Средбата беше организирана од ВМРО-ДПМНЕ и сето останато се шпекулации кои немаат никаква допирна точка со вистината“, велат од таму за Фокус, откако во јавноста се појавија разни теории за позадината на средбата, а една од нив беше дека била организирана од поранешниот шеф на македонското разузнавање Зоран Иванов, кој неодамна ја напуштил службата и се преселил во Турција.

Инаку, на средбата со Чавошоглу присуствуваа партиските потпретседатели Александар Николовски и Владо Мисајловски, како и генералниот секретар Игор Јанушев, кои, како што беше сопштено, разговарале за односите меѓу Македонија и Турција.

Од ВМРО-ДПМНЕ неофицијално истакнуваат дека партискиот потпретседател Николоски е личен пријател со Чавошоглу повеќе од 10 години, посочувајќи дека Николоски беше попретседател на Советот на Европа, откако претходно Чавошоглу беше претседател.

В.С.

Поврзани новости