-Нема да дозволиме граѓаните на Република Македонија кои имаат слобода на информирање, како и сите медиуми во Македонија кои имаат слобода на говор да бидат жртви на тоталитарната идеологија на СДСМ и фашистичките закони кои сакаат да ги воведат во Македонија, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ откако ги напуштија преговорите за медиумите.
Од владејачката партија му порачаа на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, и на СДСМ итно да ги повторат основните лекции за демократија и човекови права. Велат дека предлог законот за медиуми кој денеска го предложи Питер Ванхојте, а според нив бил предлог на Заев, нема да го види светлото на денот.
-Фашистичкиот предлог на Закон за медиуми кој е произлезен од тоталитарниот ум на Зоран Заев кој денес го виде целата јавност нема да го види светлото на денот. Заев вели дека медиумите биле непријатели на СДСМ и затоа партијата требала да се пресмета со нив. Му порачуваме на Зоран Заев дека се наоѓа во погрешно време, во погрешна држава и во погрешна реалност. Нема да дозволиме фашизам во Македонија, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.