Деветнаесет од вкупно 23 препораки кои ГРЕКО ги нотирала во извештајот од 2019 година, а требале да се имплементираат во 2020 година не се применети или се недоволно и незадоволително направени. Владата на Заев не овозможила непречено работење на ДКСК, со тоа што на Комисијата не е овозможила целосна функционалност, се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
-Еден од најголемите проблеми е двојната улога на Љупчо Николовски, кој треба да биде и антикорупционер, а во исто време е и високопозициониран функционер и политичар. Николовски е практичен судир на интереси. Неговата функција повеќе кумулира моќ, отколку што служи за борба против корупцијата и криминалот.
Според ГРЕКО имплементацијата на Кодексот на однесување е во рацете на заменик-премиер кој има надлежност да истражува и санкционира прекршувања и истовремено треба да обезбеди и доверливо советување и собирање докази за прекршувања на Кодексот, тоа не е прифатливо и не е компатибилно со практиката на ГРЕКО.
Видовме како луѓе блиски до Николовски шверцале тутун, ја оштетиле државата и народот. Видовме и како тој си ги вработува роднините во администрација и како е главен теренаш на СДСМ, а глуми антикорупционер. Извештајот на ГРЕКО е само уште една потврда дека Владата не оди во добар правец, и дека државата со Заев тоне, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.