Текстот е објавен на 29-ти август 2008-ма година во неделникот „Фокус“ во бројот 687
Пишувал
Стојан АНДОВ
Што се однесува до користењето на мерката притвор за дискредитирање на политичките противници и Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја следи истата филозофија што беше следена од страна на Владата на СДСМ (2002-2006), т.е. онаа филозофија што во мојата практика ја сретнав за прв пат присутна во заклучоците на ЦК-СКМ од септември 1982 г.
Меѓутоа, како што во начинот на применување на таа мерка во однос на нејзината примена во 1982 г. СДСМ забележа извесен “напредок” во периодот 2002-2006, така ВМРО-ДПМНЕ оствари забележителен „напредок” и во однос на практиката на СДСМ во споменатиот период. Имено, притворот во периодот по заклучоците од 1982 г. беше применуван на следниот начин: со писмена покана од надлежната (тогаш) милициска станица или со известување кое ќе го пренесе некој од милиционерите до осомниченото лице, тоа беше поканувано да дојде во милициската станица на информативен разговор. По кусиот разговор, му беше соопштувано дека за него е одреден притвор и со полициско возило беше транспортиран до установата за притвор.
За тој настан беше давано соопштение. Но, на лицето на кое му е одреден притвор не му беа ставани лисици на рацете и медиумите не беа претходно известувани за чинот на притворањето, така што тоа не беше проследувано со снимање и фотографирање.
НЕМА ПРОШКА ЗА ПОЛИТИЧКИТЕ ПРОТИВНИЦИ
Во времето на СДСМ, „напредокот” беше во тоа што од работното место или од полициската станица до истражниот судија и од таму до установата за притвор, лицето на кое му е одреден притвор, беше одведувано со лисици на рацете. Исто така, во некоја фаза од водењето во притвор, со лисици на рацете се правеа куси стории од некоја од телевизиите, која очигледно претходно била известена за настанот.
Во најновата практика што сега се применува, кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, лисиците и натаму се задржани, но наместо една или две телевизиски екипи да го снимаат настанот, на медиумите им се испраќаат дури и службени ЦД-а. Натамошниот „напредок” е забележан во техниката на сатанизација на политичкиот противник и неговиот вкупен третман.
Во времето на владеењето на СДСМ, на пример, покрај сатанизацијата на целата партија ВМРО-ДПМНЕ („Во Македонија мафијата има држава”), притворот беше применуван кон личности кои претходно беа обележани и за што едноставно „мораше” да се најдат докази (на пр. Војо, Ламбе итн.), а во барањето докази притворот се применуваше и на некои нивни соработници (на пр. Др. Шуклева и др.) Но, иако пред изборите на 15 септември 2002 г.
Најсатанизиран беше тогашниот премиер Љубчо Георгиевски, за него во ниту еден момент не се постави како актуелно прашањето за одредување притвор или одземањето на пратеничкиот имунитет. За да се објасни таквиот однос, еден од трите премиери од собраниската говорница еднаш изјави дека „тој лично знае дека г-динот Георгиевски е криминалец, но нема докази за да преземе нешто конкретно”.
Меѓутоа, поубедлив е фактот што Љубчо Георгиевски се повлече од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ многу брзо по изборите 2002-та и со тоа стана неатрактивна цел за прогон. Во практиката, пак, што се применува во времето на владеење на ВМРОДПМНЕ, „напредокот” во примената на мерката притвор се гледа во тоа што нема прошка за победениот противник. Така, се направи „енергичен” обид во очи на празникот Илинден во 2007-ма година да се издејствува одземање на имунитетот на поранешниот премиер Бучковски, за да може да биде притворен, а судската постапка покажа дека едноставно не била потребна таква мерка (!).
Меѓутоа, очигледно таквата мерка беше посакувана, затоа што евентуалните снимки на Бучковски со лисици на рацете дефинитивно ќе го дотолчеа неговиот углед. Сличен е и случајот на обидот за сатанизација и на Радмила Шеќеринска во очи на нејзиниот избор за лидер на СДСМ и веднаш потоа, кога се лиферуваа информации дека се водат истраги за нејзини криминални дела.
ЦЕЛТА Е ПРИТВОРОТ, А НЕ ПРАВДАТА
Интересен е случајот и со Зоран Заев. Тој еднаш, преку веб-страницата на МВР, беше осомничен и тоа пред изборите, потоа сомневањето беше избришано и му беше упатено јавно извинување. Но подоцна, откако во јавноста се пробија информации дека Заев може да стане и лидер на најголемата опозициона партија, на пат од Струмица за Скопје, беше пресретнат од полицијата и со лисици на рацете донесен кај истражниот судија.
Меѓутоа, судијата како да не очекувал таков настан, па во своите простории доаѓа неколку часа подоцна (?!) и по распитот донесува одлука осомничениот да се брани од слобода. Навистина, можеби истражниот судија не знаел претходно за насилното приведување на Заев и можеби граѓаните пред него дознаа од телевизиските снимки. Што се случуваше понатаму е познато: се правеа напори по секоја цена Заев да биде спроведен во притвор.
Кривичниот совет во судот Скопје 1 ја поништува одлуката осомничениот да се брани од слобода, Истражниот судија повторно донесува иста одлука, Кривичниот совет на судот не наведува нов аргумент и не бара менување на истражниот судија, туку сам одредува мерка притвор за Заев. Оттаму, веќе се наметнува впечаток дека одлуката за примена на мерката притвор кон Заев всушност е веќе донесена некаде, надвор од со закон овластените органи, пред истражниот судија и да спроведе истрага и дека таа одлука е најверојатно мотивирана од намерата за политичка пресметка, а не од потребата да се утврди вистината.
Случајот со Заев е интересен и по тоа што покрај жестоките партиски конфронтирања меѓу СДСМ и ВМРОДПМНЕ, за прв пат и двете страни организираат специјализирани невладини организации за чие постоење јавноста претходно не беше запозната.
Останува впечатокот дека Заев изрази подготвеност да биде константно на располагање на правосудните органи со цел случајот да добие разврска во процедура утврдена со закон, па поради тоа не беше потребна мерката притвор. Да беше тоа расположение уважено, веројатно јавноста ќе беше сведок на долготраен судски спор и завршницата ќе мораше да биде почитувана од сите страни. Меѓутоа и протестите на невладините организации, писмата од високи партиски функционери и бројните конференции за новинарите немаа за цел да се спроведе целата правосудна роцедура, туку беа форма на жесток притисок Заев да биде притворен.
Од тука се наметнува впечатокот дека притворот, а не правдата, беше вистинската цел во целата таа афера.
КОРУПЦИЈА НЕ ПРАВИ БИВША ВЛАДА
Практиката на владејачките партии што се применува за остварување на нивните декларативни најави за подготвеност за борба против корупцијата и организираниот криминал има за цел политичка пресметка со опонентот.
И едната и другата партија во својата филозофија тргнуваат од намерата не да се реши проблемот на корупцијата и организираниот криминал, туку да се уништи политичкиот противник. Затоа, кај нас борбата против корупцијата и организираниот криминал е борба на партијата на власт против државните и партиски функционери на партијата што претходно била на власт.
Вистинската борба против корупцијата и организираниот криминал во државите што ја водат штотуку ја видовме во Израел, во случајот со премиерот Олмерт. Корупција не прави бивша влада, корупцијата и организираниот криминал ги прават оние што се на власт. И затоа, начинот како се применува мерката притвор во нашата држава укажува дека секој додека е на власт си е сигурен и е мотивиран до крај да го уништи политичкиот противник, за да нема сили да му ја „земе” власта и да не биде предмет на прогон за корупција и организиран криминал по престанок на мандатот.
Тоа што луѓето биваат сатанизирани, а по судски пат не е утврдена нивна вмешаност и дела во организиран криминал, само значи дека нам и не ни е многу важна нашата историја и судбината на личностите што неа ја создаваат, туку атмосферата се формира врз основа на гласини и анатеми, без расчистување на работите низ законски процедури.
Таквата практика нашата држава ја држи во прегратка на оној ист систем на разбирање на човековите права и практикување на нивното кршење кое го имавме и до 1991 г. Дури може да се каже дека во последните години пред 1991-та почнаа посилни ветрови меѓу интелектуалците кои со почиста совест и со поголема смелост тргнаа во пресметка со систематското нарушување на човековите права од политички мотиви, нешто што за жал денес отсуствува.
Поради тоа, се наметнува потребата од сериозен пресврт во државата. Потребно е во законите многу појасно да се прецизираат процедурите и да се дефинира нивната меѓусебна условеност во системот на откривање, гонење и судење. Повредата на процедурата во било која фаза треба да повлекува ништовност на целата постапка и отфрлање на обвинението.
Моќта на влијание на политичкиот фактор врз органите на откривање, гонење и санкционирање треба да биде отстранета или намалена со законска одредба која злоупотребата на службената должност ќе ја прошири и со злоупотреба на политичко влијание врз правосудните органи, бидејќи тоа влијание и притисок понатаму резултира со кршење на човековите права.
Потребно е да се создадат и нормативни околности, но и да се охрабрува практиката вината или невиноста за дела во корупцијата и организираниот криминал секогаш да бидат лоцирани индивидуално и нивната вина да не се транспонира како вина на партија. Така ќе се оневозможат партиски дебати и партиски активности во утврдувањето на вината или во нејзиното порекнување. Партиите, без оглед на нивната сила (или токму поради неа), не смеат да создаваат атмосфера на однапред утврдена или непостоечка вина на поединци, без оглед на нивната партиска припадност или функцијата на која се наоѓаат.
Министрите и премиерот кои инаку имаат силни надлежности во извршната власт, не треба да даваат било каква изјава за основаноста или неоснованоста на сомневањата, обвинувањата или пресудите за било која личност. Нивните силни ангажирања во „одбраната на независноста на судството”, што сега се практикува, всушност создаваат атмосфера на зависност на обвинителството и судството од извршната власт.
Луѓето изложени на политички прогон и на кршење на нивните човекови права со неоснована примена на мерката притвор не се многуброен слој и сами не можат да бидат целна група на некоја политичка партија или друга организација. Но, тие луѓе, изложени на притвор без основа, доживуваат тешки трауми, а кога тоа се врши поради политички причини за омаловажување, дискредитирање итн. на политичкиот противник создава многу лоша слика за нашите државни органи – дека тие заплашуваат луѓе заради нивната политичка активност, односно дека политичкото делување и организирање и не се така слободни иако тоа е напишано во Уставот.
Имајќи го тоа во вид, кругот луѓе што можат да почувствуваат страв од репресија е многу поширок одошто бројот на притворени. Затоа, потребно е делување за поинакво политичко воспитување кај нас, каде човековите права и нивната заштита мора да бидат од највисок интерес и на државните органи и на партиите и на невладините организации и на медиумите.
Затворањето очи пред кршењето на тие права ја буди илузијата дека во оваа земја на сила може да се освои и држи власта, дека политичкиот противник може да биде згазен итн. Од таквото разбирање и доаѓа смелоста масовно да се кршат човековите права, на изборите, на пр.