ВМРО-ДПМНЕ сè уште не објавува дали нејзините пратеници ќе учествуваат на утрешната собраниска седница, на која треба да се расправа по предлогот на Зоран Заев за нова влада.
Утрешната седница е прва по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.
Неговиот избор ВМРО-ДПМНЕ го нарече „нелегитимен, неуставен и неделовнички“.
Од партијата велат дека ставот околу утрешната седница ќе го соопштат наскоро, но се изненадени од краткиот рок што им е даден на пратениците да се запознаат со програмата и со составот на владата.
Од 27 април, Талат Џафери имаше средби главно со амбасадори.
Инаку Џафери, вчера, од мандатарот Заев, го добил предлогот за состав на владата и програмата за нејзиниот мандат. До претседателот на Собранието тие биле доставени околу 15 минути пред полноќ. Џафери веднаш двата документа ги доставил до пратениците, а седницата за избор на владата ја закажа за утре, во 11 часот.