ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение реагираше кон јавните настапи на владиката и митрополит на Дебарско-кичевската епархија, Тимотеј, кој остро се спротивстави на владиниот обид да експропирира црковно земјиште околу манастирот „Свети Наум“ во Охрид, поради што моментално се води спор на Управниот суд.
„Од она што знаеме во минатиот систем, ова земјиште беше национализирано и стана државно. На Црквата и беше одземено без никаква парична надокнада. Чудно, но во тие времиња не го чувме гласот на владиката Тимотеј, ниту пак го чувме во годините кога СДСМ беше на власт. Тогаш на владиката Тимотеј не му паѓаше на памет да го врати земјиштето на Црквата преку денационализација. Тогаш владиката немаше проблем, проблем за кој јавно говореше. Ова Влада со денационализација го врати земјиштето на Црквата“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката партија додава дека сега државата ќе откупи само 18 хектари од вкупно 2.770 хектари земјиште од комплексот „Свети Наум Охридски“ по пазарна цена.
„Мораме да мислиме и на економскиот развој на сите граѓани и на оние кои доаѓаат како верници кај владиката молејќи се кон Бога за подостоинствен живот“, се наведува во соопштението.