Единствено Мирослав Шиповиќ, претседавачот на Советот од редовите на СДСМ и се уште актуелен претседател на општинската организација на СДСМ-Центар гласаше „воздржано“ по предлогот на градоначалникот на Центар Андреј Жерновски да се тргнат од дневен ред точките поврзани со трите ДУП-а што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ – за изградба на десет катен хотел на Водно и уништување на зеленилото на Водно, за барок и надградба на ГТЦ, кои ги предлага ВМРО-ДПМНЕ.
Крајно неизвесна е седницата што во моментов се одржува во општината Центар. Единствено од Шиповиќ зависи дали ќе поминат предлозите на ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот Жерновски предложи трите спорни точки да се тргнат од дневен ред, бидејќи, како што рече тој, инцијативата е беспредметна, со оглед на тоа што за истата тема се дискутирало минатата година. И останатите советници од опозицијата бараа да се тргнат овие точки од дневен ред бидејќи бараа да ги разгледаат материјалите.
Единаесет советници од опозицијата гласаа за предлогот на Жерновски, а 11 од ВМРО-ДПМНЕ беа против. Шиповиќ беше воздржан, со што предлогот на Жерновски не помина. Ова значи дека само од гласот на Шиповиќ ќе зависи дали ќе поминат спорните точки.
Седницата трае веќе четири часа, а засега Шиповиќ единствено се изјасни дека нема да гласа за Скопје 2014 бидејќи смета дека станува збор за криминален проект. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ тогаш ја повлекоа точката за ГТЦ од дневен ред.
Вчера, портпаролот на СДСМ Петре Шилегов рече дека Шиповиќ ќе гласа за урбанистичките планови предложени од ВМРО ДПМНЕ.
„Шиповиќ потврди дека е под невидени притисоци од власта на ВМРО ДПМНЕ да ги поддржи нивните ДУП-ови. Соопшти дека за да се заштити, за да остане на слобода, мора да ги поддржи криминалните планови“, рече Шилегов.
Шиповиќ ги демантираше овие тврдења и рече дека се уште размислува како да гласа.