Не би сакале да коментираме снимки кои се од непотврден извор и од непознат објавувач, велат од ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на прашање на Фокус како ги коментираат објавените адуио-снимки, особено делот каде бизнисменот Орце Камчев говори дека можеби некој од обвинителството му предал материјали на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, а воедно се говори дека истражител зел 100.000 евра за стикче. Како што велат од опозициската партија, МВР и органите на прогонот треба посериозно да се позанимаваат со потеклото на снимките.
„Се чини дека тие се употребуваат за пренасочување на вниманието и дефокусирање од вистинскиот скандал со рекетираните пари во кои се вмешани луѓе од највисоките структури на власта. Ќе потсетиме дека во еден друг случај, кога новинари со име и презиме обзнанија снимки за скандали на луѓе од власта и истите беа повикани на разговор и беа поведени постапки против нив, а сега нема реакција кога станува збор за овој случај. Околу тезата дали ВМРО го контролира обвинителството, најдобар демант е токму случајот „Рекет“, каде луѓе блиски до Зоран Заев и структури од специјалното обвинителство уценувале за финансиски мотиви и надомест“, велат од ДПМНЕ.
Инаку, партискиот лидер Мицкоски во септември годинава на прес-конференција покажа документи кои, како што рече, ги содржат сите искази на сослушаните лица во случајот „Рекет“, како и наредбите за вештачење и резултатите од вештачењата. Притоа, тој рече дека документите ги добил од свиркачи, но одби да ја обелодени нивната содржина, посочувајќи дека тоа ќе го стори доколку случајот се води погрешно и необјективно. Сепак, лидерот на ДПМНЕ откри дека во оваа документација го нема неговото име, туку имињата на лица од власта.
В.С.