Димитров: Македонскиот јазик е признат од лингвистите, процесот со Бугарија треба да претставува взаемно прифаќање

by fokus

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров се јави со реакција откако Бугарската академија на науките излезе со став дека не постои македонски јазик. Димитров потсетува дека македонскиот јазик е стандардизиран во 1945 година, и признат е во Обединетите нации и од меѓународните лингвисти.

-Во 21от век, во Европа, правото на самоопределување и само-изјаснување е неспорно. Односите меѓу две држави, за да бидат пријателски и блиски, претпоставуваат почитување на тоа право и на достоинството на другиот. Македонскиот јазик е еден од јужнословенските јазици. Стандардниот македонски јазик е официјално кодифициран во мај 1945 година, врз основа на централните говорни форми во тогашна Македонија. Беше еден од трите официјални јазици и во поранешна Југославија, а присутен е во ОН уште од 70те години на минатиот век. Македонскиот јазик има свој историски развој и е признат од меѓународната заедница на лингвисти. Историскиот процес што го почнавме со соседна Бугарија, за да води кон вистинско зближување и пријателство, за да руши стравови и предрасуди, претпоставува взаемно прифаќање. Прифаќање на периодот на заедничка и испреплетена историја што ги поврзува бугарскиот и македонскиот народ, но и на сегашноста – македонски народ што говори македонски јазик. За овој процес да успее, на двете страни им треба мудрост и деликатност, големина во разбирањето и почитувањето на грижите и достоинството на другиот. Лесно е да се растури, тешко е да се гради, порача Димитров.

Поврзани новости