Народот ќе биде запрепастен од улогата на Венко Филипче во оваа криза и претходно. Нормално сите знаеме за неговите сомнителни тендери, набавки и сомнителни дејанија кои се граничат, односно се надвор од законот. Сепак за тоа ќе разговараме откако ќе дојде време, откако ќе заврши оваа криза, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски коментирајќи ја реакцијата на лидерот министерот за здравство дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести со тврдењето дека има само 100 тестови за корона вирус.
-Венко Филипче и Зоран Заев секој оној кој спротивно размислува од нивното мислење и кој ја кажува вистината на граѓаните тие сакаат да го етикетираат и да го прогласат за еретик кој шири лажни вести итн. ВМРО-ДПМНЕ нема да биде дозволена да биде вовлечена во површни дискусии и ситни кавги. И оттука изјавата на Венко Филипче ќе ја гледаме само низ призмата на менталниот склоп на Зоран Заев. Нема да реагираме со било каков напад бидејќи сега не е време за тоа но верувајте кога ќе заврши сето ова и стравот и опасноста која во моментов сите ние и граѓаните и државата сите ние ја имаме од болеста ќе бидат зад народот, ќе бидат позади нас граѓаните ќе го видат вистинското лице на Зоран Заев, на Венко Филипче и на сите оние кои се обидоа на било каков начин да профитираат од оваа криза и природна непогода која ги погоди граѓаните, рече Арсовски.
Пред одговорите на прашањата во ВМРО-ДПМНЕ имаше две последователни прес конференции. На едната членот на Извршниот комитет на партијата, Игор Николов ја критикуваше владата дека недоволно ги заштитила здравствените работници, со оглед на се поголемиот број заболени меѓу нив. Побара се преземат мерки за обезбедување на соодветна опрема на персоналот, да се почитуваат препораките на СЗО, а тоа е да се тестираат што поголем број на граѓани и да се почитува мотото „Тестирај, тестирај, тестирај“! .
Тој побара во тестирањето да се вклучат Медицински факултет, Фармацевтски факултет, Академијата на науките и уметностите, Земјоделскиот факултет и да се тестираат особено ризичните групи, како здравствените работнции. На другата прес конференција членот на ИК, Трајко Славевски зборуваше за нивниот предлог за зголемување на ликвидноста во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. – Во првата половина од минатата, 2019 година, на мала врата успеа да ги испразни приватните пензиски фондови за цели 120 милиони евра или 7,2 милијарди денари и сето тоа да го продаде во јавноста како наводна реформа со која се стабилизирал пензискиот систем во Македонија. Ова се изврши со масовна операција со која околу 16.000-17.000 осигуреници, без да бидат прашани, заедно со своите заштеди кои им беа конфискувани, беа трансферирани во државниот пензиски фонд – ФПИОМ, обвини Славевски.