ВМРО-ДПМНЕ: Народот е свесен кој работи за нивните интереси

by Фокус

После скандалозната прес -конференција на Зоран Заев во која што тој објави државна тајна и нанесе штета на безбедносниот систем на Република Македонија, на специјалните единици на МВР и на соработката со пријателска држава, СДСМ очигледно се реши набрзина да спреми прес конференции во Куманово и Прилеп, се со цел граѓаните да заборават каков скандал направи Зоран Заев пред неколку дена во Скопје, се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

„Бирале, бирале, бирале кој да ја држи прес конференцијата во Прилеп, па го избрале еден од најлошите примери на човек кој што, додека 20 000 прилепчани останаа без работа, се збогати во време на транзицискиот мрак и апашката приватизација во Македонија. Сашо Велески учествувал во раскрчмувањето на некогашниот прилепски гигант АД Микрон. Во 2003 година како дел од менаџерскиот тим на АД Микрон, заедно со стечајниот управник ја ликвидираат фирмата и отпуштаат 350 вработени, а стечајниот менаџерски тим си отвори нова фирма Микронтеч со основен влог од 3000 евра. Сашо Велески исто така како дел од УО во АД Микрон и главен договарач во 1993 набавил опрема во вредност од околу неколку стотици илјади германски марки од Англија, преку ФЕСАЛ аранжман, која никогаш не била искористена. Велески од страна на Пирганоски, градоначалник на Прилеп од 2001-2005 е назначен за директор на ново претпријатие-регионална депонија, кое никогаш не профункционира. Да не заборавиме дека во годините кога Прилеп немаше вода и имаше голем проблем со водоснабдувањето за време на владеење на СДСМ, Велески беше член на УО на Студенчица“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Во соопштението на партијата се наведува и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи за потребите на граѓаните.

„Народот е свесен кој одработува за туѓи и лични интереси, а кој работи за интересите на граѓаните и за интересите на својата држава“, соопштуваат од владеачката партија.

Откако СДСМ денеска ја објави 17-та бомба од Прилеп, со реакција се јави и прилепскиот градоначалник Маријан Ристески. Тој на прес-конференцијата наброја се што направил за градот и прилепчани.

 

Поврзани новости