Во тек се преговори меѓу политичките партии, во посредство на меѓународната заедница, за да може до задутре, кога истекува рокот за поднесување кандидатски листи за пратеници, да се најде некакво решение за излез од политичката криза.
За сега, неофицијално за владејачката партија отворени се повеќе опции, јави Мета.
– Можеби и ние нема да учествуваме на изборите, ќе се откажеме, па ќе учествува некој трет, ќе освои 10.000 гласа и изборите ќе пропаднат. Или, ако странците инсистираат на некакво неповолно решение, можеби ќе излеземе од Владата, па СДСМ нека прави малцинска влада со кого сака – рекол неофицијално извор од вадејачката партија за Мета.
Од друга страна пак, Иво Котевски дециден е дека нема место за калкулации и избори мора да има.
Инаку, само ВМРО-ДПМНЕ доставила листа со предлози за избирачки одбори. ДУИ и ДПА тоа не го сторија во законскиот рок, а СДСМ претходно најави дека нема да учествува на изборите.
Од ДИК велат дека тоа е јасна порака но не и дефинитивен став на трите партии дека нема да учествуваат на изборите.
Роковите може да се поместат а партиските членови да се вратат во избирачките одбори.
Во однос на преговорите, белгискиот експерт и поранешен посредник, Питер Вахауте, денеска на својот профил на Твитер „откри“ дека се водат тајни преговори.
„Политиката и уметноста на тајното преговарање. „Тишина! Разговараме, но не им кажувајте на граѓаните, колку помалку знаат, толку подобро. Моите услови се едноставни: ветете дека ќе ме обожувате и дека ќе ги исполните сите мои барања. Потпишите сега овде“, напиша Ванхауте на „Твитер“.