Известувањето испратено од Министерството за култура до сите национални установи под негова контрола во кое им се наредува да ги избркаат од работа сите вработени, кои на било кој начин учествувале во протестите на „За заедничка Македонија“ е преседан за една европска земја, обвинија денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Хунтата на власт сака да влее страв кај граѓаните, за никој да не се осмели во иднина да излезе на протест против нејзините штетни политики. Власта директно го крши правото на протест загарантирано со член 21 од Уставот на Република Македонија, казнувајќи и изживувајќи се врз граѓани кои излегле мирно да протестираат и да го изразат својот револт од одредени политики. Ова е атак врз демократијата и не смее да остане премолчен. Власта директно удира врз правото на протест. ВМРО-ДПМНЕ ја повикува меѓународната заедница и меѓународните организации во Република Македонија да реагираат и да го осудат овој чин на политичка тортура против неистомислениците на власта. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи оваа неправда да продолжи, токму затоа ВМРО-ДПМНЕ останува на улиците се додека трае оваа тортура, се вели во соопштението.