„Секој студент на економија знае дека долгот се мери во релативна вредност, а не во апсолутна, но очигледно ваквите факти се мистерија за поранешниот неуспешен министер за финансии Таки Фити. Затоа јавно го прашуваме Таки Фити дали ќе се обиде барем малку да се дистанцира од СДСМ и Сорос и да изработи вистински бројчаник кој ќе покажува секојдневно како расне БДП и корелацијата на БДП и државниот долг? Професорот Таки Фити можеби ја заборавил оваа лекција откако влегол во МАНУ, но тоа не смее да биде оправдување за политичко манипулирање на јавноста и злоупотребувањето на МАНУ во политичка кампања.
Јавно го прашуваме Таки Фити дали МАНУ ќе направи апликација „бројчаник“ за намалување на невработеноста, потоа друга апликација „бројчаник“ за раст на извозот и уште една за раст на индустриското производство? Дали МАНУ ќе направи апликација со „бројчаник“ за бројот на изградени километри патишта, водоводи, канализациони мрежи, реконструирани и изградени училишта, болници, набавени медицински апарати?
Последниот чин на МАНУ е партиски и политички, а не научен и се додека академијата не се огради од ваквите настапи ВМРО-ДПМНЕ ќе ја третира како клон на СДСМ и соросовите здруженија. За научните потенцијали на Претседателот на МАНУ, кој е и доктор по економски науки, говори и фактот што нема објавено ниту еден труд во меѓународно списание со импакт фактор од типот на Томсон Ројтерс. Целосно инфериорен во науката, анонимус во меѓународните научни кругови, со единствено достигнување да напише учебник и да го продава на сопствените студенти, Таки Фити без трошка срам ја злоупотребува титулата претседател на МАНУ и се занимава со политика пред избори, претворајќи ја МАНУ во невладина организација на Сорос и СДСМ“ се вели во реакцијата на владејачката партија, откако МАНУ објави бројчаник за движењето на јавниот долг.