ВМРО-ДПМНЕ: Љупчо Коцевски и покрај изгласаната недоверба во партиска заштита на криминалите на СДС

by irena 09:26
09:26

„Главниот обвинител, Љупчо Коцевски дословно и покорно ги слуша пораките и наредбите кои му доаѓаат од партијата СДС. Наместо да служи на граѓаните и на правдата, Коцевски се стави во партиска служба и заштита на криминалите и криминалците од редовите на СДС. На денот на гласањето недоверба во македонското Собрание, освен што пратениците на СДС го поддржаа истите му упатија и јасна порака, или е „со штитот или на него“. Па така, Коцевски буквално ја сфатил и дословно си ја применува пораката, и наместо на народот и служи на партијата“ соопштија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Велат „Како што до сега ги бранеше, така и во периодот што следи ќе продолжи да ги штити од одговорност сите функционери на СДС вклучени и фатени во сериозни криминали. Очигледно е дека Коцевски до последно ќе си обработува за подарената фотелја од СДС и дека, и покрај изгласаната интерпелација, нема да си поднесе оставка“.

„Затоа што нему, поважна му е удобната фотелја од спроведувањето на правдата во државата, а угледот и интегритетот на правосудството ниту го интересира. Тоа што довербата на граѓаните во правосудството е сведена на статистичка грешка од само 2%, за Коцевски е небитно, важно тој да си одработи и како до сега, да ги заштити криминалците од СДС. Но и покрај неговата заштита, Коцевски треба да знае дека ќе дојде време на одговорност на тие кои ги штити, ама и на тие кои ги штитат“ велат од партијата.

Сметаат дека „Во правосудниот систем има професионалци и луѓе со интегритет кои сакаат да си ја вршат работата согласно закон и за кои правдата е светост. Затоа, нашиот апел е упатен токму кон нив, ги охрабруваме да продолжат професионално и согласно закон да си ја вршат работата, без разлика од насоките или притисоците од партиските истурени кадри во институциите“.

Слични вести