Во Штип на следните градоначалнички избори се брани Македонија, тоа не се обични избори и затоа ги повикувам штипјани да излезат и заедно во првите редови да ја одбраниме Македонија од ова денешно секојдневие кое и се случува, секојдневие на пљачка, криминал, корупција, понижувања и омаловажувања, порача од штипско Ново Село, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој најави дека за два до три дена ќе го објават кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Очекува поддршка од штипјани и од оние, како што рече, кои изминатите три години не биле задоволни од проектите на поранешниот градоначалник, а сега министер за транспорт и врски Благој Бочварски.
– Да престанат олигарси, да престанат бизнис семејни интереси во Штип, да престанат бизнис семејни транзициони интереси низ Македонија рефлектирани низ семејствата кои што во Штип изминатиов период практично пустошат а штипјани се тие кои што се незадоволни од таквиот начин на однесување. Затоа ВМРО-ДПМНЕ на следните предвремени градоначалнички избори очекува масовна поддршка од штипјани што впрочем и ќе значи нов ветар, нова енергија која што ќе ја навести и победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на следните локални избори кои што ќе се случат за помалку од една година од денес. Штип во минатото секогаш бил предвесник на промените, така ќе биде и овој пат, рече Мицкоски.
На денот на Македонската револуционерна борба опозициската партија протестираше прво во Скопје, а потоа од Скопје со автомобили замина во Штип.