Александар Толоманоски по пријавата од МВР за поседување на наркотични средства е веднаш разрешен од местото претседател на месниот комитет Пештани во Охрид, соопшти ВМРО-ДПМНЕ. Тој во најитен рок ќе биде и исклучен од партијата.
„Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков од директорката на училиштето каде Толоманоски работел ќе побара поведување на дисциплинска мерка за прекинување на работниот однос.
ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивставува за секое незаконско однесување и постапување без оглед на политичка, верска или било каква друга припадност.
СДСМ наместо евтин популизам и двојни стандарди нека побара од Спасовски до крај да го расветли двојното убиство кое ја потресе јавноста, како и да повика на одговорност за задоцнетата реакција со трагичното киднапирање и смрт на малата Вања“ порачаа од опозициската партија.
Претходно од СДСМ обвинија дека близок соработник на Мицкоски бил виден како на јавно место конзумира дрога.
„Еден од најблиските соработници на градоначалникот на Охрид – Кирил Пецаков, но и на Христијан Мицкоски е фатен како поседува и шмрка кокаин на сред кафиќ во Охрид. Како што информираше МВР, вчера на 9 декември во 2 часот и 55 минути е приведено лицето А.Т. заради поседување предмети со кокаин“ соопштуваат од владејачката СДСМ.