Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа прес-конференција на која што кажа дека деструктивното однесување на СДСМ кулминирало со обидот за атентат врз поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.
– СДС и невладините организации под контрола на Сорос три години организирано шират хистерија која треба да резултира со крв и насилство. Впрочем на пролевање крв по улици, повикуваше и еден од министрите во новата Влада, во стилот на Зоран Заев кој најави дека ќе се пука, рече Стаменовска.
Таа кажа дека однесувањето на СДСМ провоцирало конфликти, а како пример го наведе изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија, што според неа, испровоцирало сериозни конфликти.
– ВМРО-ДПМНЕ нема да го коментира пренесувањето на предметите поврзани со 27-ми април од Основното јавно обвинителство во Обвинителството за гонење на организиран криминал, но нема да одмолчи политички мотивирано и непринципиелно постапување. ВМРО-ДПМНЕ апелира Јавното обвинителство да не потклекнува на притисоците и да се држи до законот и професионалното и непристрасно постапување. Обвинителството не смее да се претвори во одделение на СДС за водење на политички хајки. Власта не е еднаш за секогаш дадена и за секое пречекорување на овластувањата и законите ќе има одговорност, кажа Стаменковска.
Таа рече дека обидите на СДСМ да имплицира одговорност на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ било само политичка пресметка, обид за манипулација и обид за прикривање на одговорноста за политичкото насилство кое што довело до физичко насилство.
– СДС има намера наместо правна разрешница, целиот случај да го користи за креирање на политички случај каде не се важни аргументите, правото и правдата. Лудилото стимулирано од СДС и Заев во кое се оцрнуваат невини луѓе, се прават хајки и се врши линч мора да престане. Градењето на таква перцепција нема да ги амнестира од одговорност за нивните криминали кои не застаруваат, заврши Стаменковска.