ВМРО-ДПМНЕ: Ја поздравуваме подготвеноста на ДУИ да оди во опозиција, останува да се согласи за одложена примена на уставните измени

by Fokus

ВМРО-ДПМНЕ го поздравува ставот и подготвеноста на ДУИ за одење во опозиција која доаѓа по денешниот настап и притисок на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, соопштија од најголемата опозициска партија.

Ова соопштение од ВМРО-ДПМНЕ доаѓа откако порпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи на Фејсбук објави дека прифаќаат да поддржат Влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат на сила пред формирањето на таа Влада.

„Останува уште ДУИ освен за опозиција да се согласи за одложена примена на измените се до периодот на влез на Македонија во ЕУ, откако ќе се увериме дека нема други условувања за македонскиот идентитет. Сакале не сакале, догодина ДУИ ќе биде опозиција, но добро е што стануваат свесни“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

По лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски, Мицкоски изјави дека го прифаќа предлогот ВМРО-ДПМНЕ да влезе во широка влада, но без ДУИ, која ќе ги усвои уставните измени, но тие да важат откако ќе се ратификува пристапниот протокол на Македонија во ЕУ од сите земји членки.

ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со другите политички партии, но без учество во владата на ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да учествува во неа со тоа што избори подготвува техничка влада, не оваа влада. А, евентуалните уставни измени да важат од денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките ЕУ од парламентите на 27-те земји членки“, рече Мицковски.

 

Поврзани новости