Абдулаќим Адеми ќе биде нов министер за образование објави телевизија Алсат. Според информациите, објавени таму, ресорот образование е договорено како замена за одбрана, каде што се планира на министерската фотеља да седне Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев.
Алсат пишува дека нов министер за правда ќе биде Аднан Јашари кој доаѓа на местото на Блерим Беџети, додека Лирим Шабани, ќе биде нов министер за локална самоуправа. Беким Незири, човекот чие име се споменуваше како може министер за труд и социјала, според Алсат, ќе биде прв човек во Министерството за економија на местото на Ваљон Сараќини. За министерството за екологија, најсериозен кандидат е Хазби Лика. Талат Џафери дефинитивно си заминува од извршната власт и според Алсат, ќе ја предводи пратеничката група на ДУИ.
Во македонскиот блок, се игра со имињата на Горан Мицковски, кој ќе биде министер за странски инвестиции. Тој работел како финансиски консултант во реномирани британски и австралиски банки.
Претходно, и други медиуми лицитираа со новите имиња во идната влада на премиерот Никола Груевски, при што како нов министер за земјоделие се спрема социјалистот Михаил Цветков. Ресорите здравство, Министерството за внатрешни работи и финансии остануваат во рацете на Никола Тодоров, Гордана Јанкуловска и Зоран Ставрески.