Одговорноста за динамиката на работа на Собранието на Република Македонија е кај парламентарното мнозинство, а не кај опозицијата, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата на Петре Шилегов дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се решени по секоја цена да ја сопираат работата на Собранието.
-Членот 8а од Изборниот законик е многу јасен, тој не дозволува продолжување на постапките во периодот од распишување на изборите до одржување на изборите. Односно постапките што се започнати се ставаат во мирување додека не завршат изборите. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ не се виновни за тоа што парламентарното мнозинство и СДСМ не го виделе овој закон и не го познаваат законодавството во Република Македонија. Токму поради членот 8а од Изборниот законик, Владата на Република Македонија неколку дена пред распишување на изборите назначи повеќе од илјада членови на управни и надзорни одбори и стотина директори на агенции, јавни претпријатија и други институции, се вели во реакцијата.