,,Година дена од неговото назначување, Јавниот обвинител Љупчо Коцевски е штит на криминалот и корупцијата на СДС. Година дена Љупчо Коцевски, молчеше и ги бранеше членовите на СДС и блиски лица до Заев и Филипче, кои беа поврзувани со одреден криминал. И тоа продолжува и ден денес со тоа што СДС не гласаше за интерпелација на Коцевски, а тој без срам не поднесува оставка од морални причини“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, луѓето кои биле синоним за криминал и корупција се шетаат по улиците слободно, благодарение на Коцевски кој ниту еднаш не застанал во одбрана на правдата, туку во одбрана на СДС и лицата блиски до Заев и Филипче.
,,Иако СДС со месеци го повикуваше Коцевски дека не работел по прописите, сега кога тој треба да си оди од таа функција, на СДС тоа не им одговара затоа што знаат дека нема веќе кој да ги штити. Затоа, потребна е итна оставка од ЈО Коцевски, и правдата да излезе на виделина. ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се за правдата и граѓаните да бидат задоволени“, велат од владејачката партија.
Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција изјави дека главниот обвинител Коцевски не може да затвори ниту еден случај на висока корупција затоа што му ја должи кариерата на СДСМ.
,,Главниот обвинител Коцевски не е самостоен во одлуките, тој секогаш ја има тежината од СДС врз себе, затоа што тие го спасуваа во Собрание. Ниту еден поранешен функционер, кој беше фатен во криминал, а ги има многу, не одговара, и нема правна разрешница, затоа што на главниот обвинител Коцевски СДС му стои на глава. Срамота е како главниот обвинител Коцевски смирено ја прими пораката од СДС во Собрание, ,,со штитот или на него” и не се обиде ниту да ја осуди или да се огради. Фрапантно е како може главниот обвинител да игра по нотите на политичка партија“, изјави Петрушевски.