Сите манипулации околу референдумот и партиските преговори се само обид да се покрие грабежот што се одвива во моментов од страна на СДСМ, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека граѓаните се вознемирени дали ќе биде распишан референдум и дали тој ќе биде задолжителен или консултативен, Зоран Заев дава монопол и 35 милиони евра на фирма која постои еден месец и е единствена која конкурирала. Додека граѓаните се во дилема околу двосмисленото прашање што се предлага, Зоран Заев фрла 350.000 евра за мебел и кујни во МЕПСО. Додека граѓаните се грижат за составот на државната изборна комисија што треба да го реализира референдумот и да гарантира фер гласање, Заев дели 10 милиони евра на фирми на Кочо Анѓушев, Хари Локвенец и други сопартијци и послушници, претставувајќи ги како иноватори“, реагираат од опозициската партија.
Од таму додаваат дека владејачкото мнозинство по секоја цена сака да го реализира штетниот и капитулантски договор со Грција.
„Обидот да се измени Изборниот законик со мнозинство од 61 пратеник без било каква консултација со експертите и опозицијата говори за фрустрациите на Заев. Никој во досегашната парламентарна историја не се обидел да ги заобиколи демократските принципи кои се градени од сите релевантни политички партии со децении наназад. Огромното мнозинство на граѓаните на Република Македонија даваат поддршка на европските и западни вредности, но никако не даваат на овие катастрофални и погубни политки водени од Зоран Заев“, истакнуваат од ДПМНЕ.