Опасните ПМ 10 честички синоќа во Скопје достигнуваа концентрација над пет пати повисока од дозволената, а Зоран Заев, Петре Шилегов и Јани Макрадули единствено што прават е омаловажување и замолкнување на граѓаните и невладините активисти, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека Скопје секојдневно се наоѓа на листата на десет најзагадени градови во Светот, градоначалникот Петре Шилегов си игра игрички на мобилен телефон. Кога беа опозиција ветуваа итни мерки за почист воздух, а откако дојдоа на власт не реализираа ниту еден проект. Решавање на проблемот со загадувањето не им е ниту во агендата. Наместо да се справат со загадувањето, тие трошат милиони за луксузни автомобили, фотелји и лубриканти. За Заев и Шилегов не е важно здравјето на граѓаните. За нив не е важно што Македонија официјално стана најзагадена земја во Европа и што Светската здравствена организација објави дека во земјава годишно умираат околу 3000 луѓе како директна последица на загадениот воздух“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека неодговорната власт на Заев и СДСМ не води грижа ниту што болниците веќе се преполни со граѓани кои имаат проблеми со кардиоваскуларните и респираторните органи.
„Министерот Дураку вели не му е гајле за тужбите на граѓаните заради загаденоста, заменик министерот Макрадули си дреме во Собрание, а градоначалникот Шилегов продолжува со неговата ароганција и непромислени политики. Криминалната власт на СДСМ создаде црнила за граѓаните и во црно ги завива нивните судбини. Граѓаните не заслужуваат да се гушат во загадениот воздух,а црнилото кое надвиснало над државата мора да замине. СДСМ мора да си замине“, порачаа од опозициската партија.