Делегација на опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска на Мечкин Камен положи цвеќе и еден ден порано го прослави Илинден.
-Денеска положуваме цвеќе од неколку причини. Прво затоа што сметаме дека овој Илинден е премногу важен, за на истиот да дадеме легитимитет за нелегално избрани функционери. Второ, затоа што имаме огромна чест како партија, која што ги полага своите корени на историското ВМРО, како современа генерација да им одадеме почит на паднатите жртви за Крушевската Република, која што е темел на современа Република Македонија, изјави Антонијо Милошоски кој ја предводеше партиската делегација.
Тој уште еднаш ги повика членовите на ВМРО-ДПМНЕ да ја бојкотираат државната прослава на празникот Илинден.
-Ги повикуваме повторно сите наши членови, симпатизер и граѓани кои сметаат дека оваа порака е соодветна да се воздржат од давање на легитимитет на прослави организирани од владата на СДСМ и ДУИ, затоа што цениме дека можно е со такви некои одлуки кои што го иритираат народот, како одлуката на господинот Џафери да се обрати тука на Мечкин Камен, да се создадат некои услови или некој да смислил некои намерни инциденти кои што можат да ја нарушат честа и достоинството на Илинден, како еден голем македонски слободарски празник, рече Милошоски.