ВМРО – ДПМНЕ бара Царовска да си поднесе оставка

by Fokus 09:50
09:50

Министерката Царовска од морални причини да си поднесе оставка, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ, откако таа беше демантирана директно од Финска дека новиот концепт за основно образование не е по фински модел, односно дека во Финска историјата постои како предмет.

Од партијата потенцираат дека Царовска и Заев ги лажат граѓаните и дека двајцата шверцерски без никаква консултација со никого го бришат предметот историја како посебен предмет во училиштата и безочно лажат дека тоа наводно е некаков фински модел.

- Advertisements -

– Но, лагата на Заев и Царовска беше брзо демантирана од финското министерство за образование кое кажува дека историјата е задолжителен предмет во сите основни и средни училишта во Финска и со новата наставна програма дополнително се засилува, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Заев и Мила Царовска во намерата да ја девалвираат македонската историја го бришат предметот историја за да излезат во пресрет на негаторските ставови на соседите за македонскиот идентитет, јазик, историја.

– Згора на тоа и безочно лажат. Дополнително министерката Царовска без око да и трепне вели дека ова било по барање на професорите и експертската јавност, за сега да видиме дека ниту една надлежна институција не била консултирана за ваквиот потег и дека и МАНУ и Институтот за историја и факултетите се противат на ваквата нивна анационална и ревизионистичка политика, велат од партијата.

Поради тоа од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат со кого се консултирала Царовска за ваков срамен потег?

– Со квазиисторичарот Заев, кој веќе јавно искажа историски ревизионизам, навредувајќи ја антифашистичката борба на македонскиот народ и антифашистичките темели на македонската државност? Лагата на Царовска не поминува. Од морални причини за ваква лага се поднесува оставка, посочуваат ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ веќе трет ден реагира и бара одговорност од Царовска откако Македонско-Финското здружение ја демантираше министерката.

Оттаму пренесоа одговор од советникот на Финска за настава одговорен за предметот историја, истакнаа дека во Финска историјата е задолжителна за сите ученици во основното и средно училиште, а во основата на новата наставна програма во Финска знаењето на историја и историските вештини се уште повеќе засилени и зацврстени.

Поради ова министерката го измени својот став и рече дека што не рекле дека ќе го пресликаат Финскиот модел, туку креирале нов сопствен.

Поврзани новости